Денеска во Прилеп, во населбата Точила започна изградбата на нова градинка, која ќе ги исполнува современите стандарди за ваков објект.

На поставувањето камен-темелник, освен градоначалникот Илија Јованоски, присуствуваа премиерот Зоран Заев, кој патем слета со хеликоптер на градскиот стадион, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпатска и други високи владини функционери.
Според претседателот на Владата, Зоран Заев, новата градинка ќе ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа.
– Иновативноста на проектот оди уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот. Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда – рече премиерот Заев, потенцирајќи дека за објектот ќе биде обезбедено и поврзување со системот за гасификација, бидејќи Општина Прилеп ќе била меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска посочи дека по 40 години во Прилеп ќе се гради нова градинка и дека изградбата на нови и проширувањето на другите градинки е приоритет на Владата и на Министерството за труд и социјална политика.
Градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски изјави дека изградбата на новата градинка е целосно финансирана од буџетот на општината за што се издвоени од 133 милиони денари.
Прилеп ќе добие нова, современа и европска детска градинка, една од најубавите во државата – рече Јованоски на стартот на изградбата на градинката.
Ка.М.