ДЕЛЧЕВО

Општина Делчево објави поедноставена отворена постапка за јавна набавка на услуги „Проектирање скејт-парк и две фонтани“.
– Локациите на двете фонтани се предвидени во централното градско подрачје, и тоа едната фонтана пред Споменикот на паднатите борци, а втората во Градскиот парк пред летната сцена, додека локацијата за скејт-паркот е во населбата Срц во непосредната близина на градската спортска сала. За реализација на набавката се обезбедени средства од буџетот на Општина Делчево за 2021 година во висина од еден милион денари без вклучен ДДВ, а при бодувањето на понудите, 70 бода ќе носи цената, а 30 бода квалитетот. Цената ќе се добие на е-аукција – велат во Општината.
Рокот за изработка на проектите е 45 работни дена за двата проекта. Проектите мора да содржат фаза архитектура, фаза статика, фаза електрика, фаза водовод и канализација.
– Постапките ќе се водат преку системот е-градежна дозвола. Деталните информации се опфатени во проектните задачи што се дел од тендерската документација. Електронско отворање ќе биде на деветти февруари – информираат во Општината.