Јавна расправа за Нацрт-планот за управување со заштитеното подрачје Маркови Кули се одржа денеска во Прилеп, во организација на Општината и ЈНУ Институт за старословенска култура Прилеп.

При тоа како што е посочено во соопштението објавено на веб-страницата на Општина Прилеп, ова претставува почеток на два паралелни меѓусебни процеси: јавната расправа со која се добиваат релевантни податоци за овој стратегиски и базичен документ и реноминација на привремената листа на УНЕСКО на заштитеното подрачје Маркови Кули, како споменик на културата и на природата истовремено.

Во Планот за управување посебен акцент е даден на геоморфолошките форми на локалитетот Маркови Кули, а е базиран на неколку студии кои што се однесуваат на комплетното наследство кое е содржано во склоп на споменикот на природата Маркови Кули, како што се природното наследство, биодиверзитетот и културното наследство.

Проектната документацијата врз основа на која е изработен Планот за управување со заштитеното подрачје Маркови Кули, е подготвена од страна на експерти на Природно-математичкиот факултет и Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, Природонаучниот музеј на Македонија, Институтот за старословенската култура од Прилеп и Друштвото за заштита на природата на Македонија. Кa.М.