И покрај тоа што во последните неколку месеци врнежите од дожд во земјава се исклучително мали, сепак, до септември имаше поволна хидролошка состојба од изворот Студенчица, кога штедроста на овој извор беше најповолна во последните пет години.

– Вообичаено во септември и октомври штедроста на изворот Студенчица е најмала и благодарение на преостанатиот дел од годината не се случуваат водени кризи. Годинава, иако, имавме неповолна хидролошка состојба кон крајот на летото и почетокот на есента, сепак, изворот Студенчица во септември беше во константно добра состојба и со просечно измерени 1.308 литри вода во секунда, месецов беше најдобар во последните осум години, не сметајќи ја 2013 година кога во истиот месец просечно беа измерени 1.579 литри вода во секунда. Во оваа календарска година на изворот Студенчица, штедроста била најголема во февруари, кога се измерени 4.293 литри вода во секунда, што беше последица на интензивните врнежи од дожд што беа присутни во земјава, кога поради овие причини се излеаја повеќето водотеци, а беа поплавени повеќе ораници и ливади – вели Гоце Наќески од ЈПВ Студенчица во Кичево.

За разлика од септември, штедроста на изворот почна забрзано да опаѓа во месец октомври и ако продолжи сушниот период, тогаш може да се очекува натамошно намалување на количините на вода и месецов, бидејќи денес се измерени 804 литри вода во секунда, со тренд на натамошно намалување, бидејќи изостанаа врнежите од дожд.

– Иако деновиве штедроста на изворот Студенчица секојдневно опаѓа за по 5 литри, и моментно, изнесува 804 литри вода во секунда и ако продолжи натамошниот пад на штедроста, тогаш се чини дека во Прилеп ќе мора да бидат вклучени бунарите за да не дојде до влошување на водоснабдувањето во целиот регион – додаде Наќески.

Според денешната распределба на расположливите количества вода за пиење, кон Прилеп и останатите водокорисници во овој регион се упатуваа 375 литри, Кичево добива 215 литри вода во секунда, додека 165 литри се насочуваат кон РЕК „Осломеј“ и околните села, а останатите количества одат на прелив и за хидробиоплошки минимум на реката Студенчица. З.А.