Фото: Зоран Антоски

Денес во Кичево по шести пат се одржа Отворениот ден на мултикултурализмот.Многубројните присутни можеа да проследат културно-уметничка програма сочинета од македонски и албански ора, турска драма и влашки игри. Исто така на присутните на овој настан им беа презентирани народните носии на сите етникуми што живеат во кичевска општина и, за крај беше извршена дегустација на храна својствена за сите етнички групи од овие простори и тоа македонска, албанска, ромска, влашка, турска и српска.

Можеше да се вкусат питулици од повеќе видови, ѓомлезе, турска баклава, шеќерпаре, слатки и солени колачи и торти, повеќе видови кифлички, разни печива и што уште не.

– Она што го планиравме за шестиот Отворен ден на мултикултурализмот во целост и го спроведовме. Ги презентиравме народните носии од сите етнички заедници, понудивме културно-забавна програма за сите вкусови, а завршницата на овој традиционален настан беше предвидена за дегустација на храна изработена од членовите на здружението „Вредит да си од Кичево“ и нивните помагатели. Добрата посета и разновидните содржини беа мамка за голем број граѓани на Кичево – истакна Јани Зердески, член на здружението „Вредит да си од Кичево“ а оваа манифестација  ја помогнаа и општина Кичево, Центарот за култура „Кочо Рацин“ и Министерството за култура.