На кичевската болница ѝ беше предадена донација од швајцарската хуманитарна организација „Исламик Релијеф“ во износ од 114.000 евра. Донацијата се состои од ново болничко возило, нови болнички кревети, аспиратори, монитори и други медицински помагала за потребите на пациентите. На врачувањето на донацијата посредуваше претседателот на хуманитарната организација „Класје на добрината за Кичево“, Мухамед Мехмеди.
– На кичевската општа болница и здравствениот дом им ја предадовме донацијата од секаков вид болнички помагала обезбедена од швајцарската хуманитарна организација во износ од 114.000 евра. Донацијата се состои од 80 кревети со душеци, перници, чаршафи, потоа 13 детски кревети исто така комплет опремени, четири комплета најсовремени монитори, аспиратори, инхалатори и најважниот дел од оваа помош е секако новото амбулантно возило марка „ситроен“ со целокупна опрема, за давање помош на пациенти кога се на пат – истакна тој.

Оваа помош во значителна мера ќе ѝ помогне на болницата да ги испорача услугите за пациентите да се чувствуваат многу поудобно и во европски услови.
Вработените во болницата и во здравствениот дом се задоволни од оваа донација, која ќе придонесе за побрза и поцелосна дијагностика, брзо реагирање на терен и покомфорно сместување на болните во одделенијата.
– Оваа донација е добредојдена за нашата болница. Сите донирани помагала се нови, а современата апаратура ќе помогне за побрза и комплетна дијагностика на нашите пациенти – истакна д-р Џабир Бајрами, директор на здравствениот дом во Кичево.