Иако Даут Реџепи од село Колари со сточарство се занимава близу 40 години, сепак минатиот понеделник ќе го памети додека е жив, поради блиската средба со повредена кафеава мечка. Благодарение на неговите храбри кучиња-шарпланинци кои го следат кога го напасува своето стадо во планината, спасил жива глава, бидејќи средбата со огромната мечка, како што самиот вели, била неочекувана и опасна по живот.

-Минатиот понеделник никогаш нема да го заборавам, бидејќи имав блиска средба со опасна горостасна кафеава мечка на околу 1,5 километри далеку од селото.Тоа попладне 15-16 часот, со своето стадо бев во планината, кога на оддалеченост од стотина метри гледам како нешто се прпелка во калта и високата трева и најпрво си помислив дека се работи за дива свиња. Од љубопитство се упатив кон ова место да видам за што се работи, а моите кучиња како да осетија дека во близина има опасен предатор и почнаа силно да лајат – се присетува на овој настан скромниот Даут, се уште под имресии на минато неделната случка, кога благодарение на бестрашните кучиња се уште е жив.

Тој полека се приближил до местото каде што била мечката.

-Кога се приближив на 5-6 метри животното наеднаш се подигна на задните нозе и имаше што да видам, горостасна кафеава мечка, повредена во десната нога, тешка сигурно половина тон. За момент ми застана здивот и онака голорак помислив дека со мене е завршено, бидејќи мечката се упати директно кон мене и во тој момент моите кучиња како да насетија дека сум во опасност и бестрашно се нафрлија врз огромното животно не жалејќи го својот живот. Борбата помеѓу мечката и кучињата се одвиваше на 2-3 метри од мене и по неколку минути жестока борба, како и поради болката во повредената нога, мечката почна полека да се оддалечува, а мене ми дојде срцето на место. Иако мечката почна да се оддалечува, кучињата се уште беа во акција и кога се оддалечи стотина метри од мене, се вратија раскрвавени и преморени од нерамноправната борба. Со своето стадо се вратив дома и на моите најблиски им ја раскажав случката од планината – додава Даут и истакна дека и друг пат во планина среќавал мечки, но на многу поголема оддалеченост. Ова било прв пат на смртта да и погледне в очи.

На крај ни потврди дека бројот на мечките во природата се зголемил во последните дваесетина години, кога мечката со закон е заштитено животно и поради нивната бројност во природата тие излегуваат и на патиштата и доаѓаат во близина на селата барајќи храна.