Општина Чешиново-Облешево ќе биде првата општина, која ќе доби „Еко- етно село“, најави директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР), Драгица Здравева. Таа нагласи дека оваа општина е влезена во Европските села на штрковите, а се очекува наредната година оваа манифестација да се одржи токму и во оваа македонска општина.

Во рок од една година општината и центарот за развој на ИПР  треба да го завршат проект „Еко- етно село“.

– Имаме некои нејасни работи, кои што треба да се расчистат околу буџетот, одредени активности, кои се во самата техничка документација, а за тоа веќе имаме закажано состанок на 5. ноември, вели Здравева.

Таа додава дека предвидени се уредувања и неколку инфраструктурни проекти во реализацијата Еко-етно село.

– Во самиот проект предвуидено е реконструкција на постојната фонтана, да се изградат набљудувачници за штрковите, паркот да се среди комплетно, потоа да се постават клупи, видиковци, да се средат стазите. Покрај овие активности во Чешиново ќе имаме и активности и во село Соколарци, каде што треба да се стават набљудувачници за птиците и да се санира коритото на реката, вели Здравева.

Таа истакна дека овој проект треба да чини околу 10 милиони денари, од кои дел од средствата се веќе обезбедени, но останатите средства треба да ги обезбеди општианта или да се бара друго решение за реализација на овој проект.