Во бисерот на Пелагонија, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци, со вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот г-дин Петар, почна чествувањето на празникот на Раѓањето на Мајката Божја.

И оваа година, во услови на пандемија, кога човештвото е исправено пред новото искушение, продолжи традицијата на чествување на големиот празник Рождество на Пресвета Богородица во истоимениот храм во село Новаци, но без  досегашните официјални приеми, приредување на манастирски ручек и културно-уметничка програма.

– И во услови на пандемија, со строго почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид-19, ја продолжуваме традицијата на чествување на големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица, или Мала Богородица, во нашиот бисер и културен белег, манстирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Новаци.

Огромна е културната улога на овој храм за развој на нашата општина. Повеќе децении во храмот многумина го наоѓаат својот духовен мир. Овој храм претставува културен белег и заштитник на нашиот народ. Локалната самоуправа секоја година го помага манастирот во делот на подготовките околу големиот настан, како и финансиски, и е во постојана координација со манастирскиот одбор. Како локална самоуправа апелираме за достојно одбележување на празникот, верниците да се придржуваат и да ги  почитуваат пропишаните мерки и протоколи, да се грижат за сопственото но и јавното здравје – истакна градоначалникот на Новаци, Љубе
Кузманоски.

М.М.