Во кичевското село Цер вчера беше одбележана 113-годишнината од саможртвата на Христо Узунов и неговите соборци, кои за да не паднат живи во рацете на непријателот сами си ги одзеле животите. На чествувањето пред споменикот, најпрво учениците од ЦОУ „Христо Узунов“ од селото Другово ги изведоа химната и песната за Узунов и прочитаа песни поврзани со овој настан додека наставничката по историја, Виолета Петкоска, прочита реферат поврзан со животот и делото на Узунов. Подолго обраќање пред присутните имаше професорот во пензија д-р Павле Митрески.

– Подвигот во селото Цер претставува финале на големата биографија на Христо Узунов. Во тој легендарен настан е вплетена целата историја на неговиот живот, дадени се оправдувања на идеите за кои живеел, на принципите за кои се борел. Во тој негов подвиг е искажана целата добродетел на херојот, да ја покаже на дело својата верност кон македонското ослободително дело и да им служи како пример на другите генерации. Трагедијата во Цер претставува крај на неговите желби и стремежи да се вивне кон светлите часови на слободата – истакна меѓу другото професорот Митрески. Пред споменикот букети свежо цвеќе положија делегации од родниот Охрид, училиштата со неговото име од Охрид и од селото Другово, претставници на АРМ и голем број почитувачи на делото на Узунов.