ПРИЛЕП

Општина Прилеп го стави во функција спортско-рекреативниот комплекс „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“, со кој, велат надлежните, сакаат да му го вратат сјајот на некогаш најпопуларното и омилено излетничко место на прилепчани, околу вештачкото езеро. Градоначалникот Илија Јованоски вели дека целта била постигната и сега ова бил еден од најубавите спортско-рекреативни комплекси во нашата земја, што располага со содржини за сите возрасни категории граѓани.
Во комплексот има мултимедијален простор под сенките на зимзелената шума, комплекс од три летниковци и 20 клупи за седење, плато за одржување културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите, кошаркарско игралиште со трибина, игралиште за одбојка и четири маси за пинг-понг, оградени и осветлени за користење во вечерните часови, четири детски игралишта со соодветни содржини за најмладите посетители, пешачкa патекa со широчина од 1,5 метар и должина од 700 метри, осветлена со канделабри по целата должина, пристапна рампа, со што на лицата со инвалидитет им е овозможен пристап до сите содржини од спортско-рекреативниот комплекс.

Поставени се и контејнери и обезбедено е комунално возило за подигање на сметот, со капацитет од 13 кубни метри, изграден е паркинг-простор за моторни возила и за велосипеди, а на целиот потег во зоната се поставени клупи, канти за отпадоци, информативни табли и патокази.
Последниве години, вели градоначалникот Јованоски, Прилеп го нашол своето место на меѓународната мапа за активен туризам, кој вклучува болдеринг, велосипедизам, параглајдинг и планинарење, а со фактот што спортско-рекреативниот комплекс е на оддалеченост од околу шест километри од градот, со понудените содржини за очекување е тој да биде една од најпосетуваните локации за сите љубители на спортот, рекреацијата и излетот во природа.

Со изградбата на спортско-рекреативниот центар се испочитувани сите процедури што ги користи Светската банка, особено во делот на заштита на животната средина. Целиот простор е граден од природни материјали – камен и дрво, со цел да се задржи природниот амбиентален изглед, а вкупната вредност на проектот изнесува 49,5 милиони денари, од кои шест милиони се сопствено учество на Општина Прилеп.
Проектот „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“ е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Проектот го администрира Светската банка.