Фото: Илустрација

Пожарите кои се секојдневна појава во земјава, не го заобиколуваат ни кичевскиот регион. Така, само во текот на денешниот ден во овој дел од земјата избувнаа два пожари и тоа кај селата Трапчин Дол и Иванчишта.

Пожарот кај село Трапчин Дол е локализиран, додека пожарот кај село Иванчишта е сè уште активен и како последица на огнената стихија во ова село целосно изгоре една плевна, додека друга благодарение на брзата интервенција на екипите на ШС „Лопушник“ и ТППЕ Кичево, спречено истата целосно да биде изгорена.

– За жал, покрај штетите во шумскиот појас, пожарите во кичевијата направија штети и на имоти на граѓани. Така, од пожарот кој утринава избувна кај село Иванчишта, целосно е опожарена една плевна, додека друга плевна која се наоѓала во непосредна близина е изгорена до пола и благодарение на решителната акција на ТППЕ Кичево и подружницата на ШС„ Лопушник“, спречено е пожарот да зафати и други објекти и штетите да бидат и многу поголеми. Покрај овој пожар, утринава избувна пожар и кај село Трапчин Дол, кој во текот на денот е локализиран и не постои опасност од негово натамошно ширење – информира Леоне Станишоски од ПО на ДЗС Кичево.

Екипи од ДЗС Кичево во текот на денот се ангажирани и во локализирање на големиот шумски пожар во Порече.