Една од најстарите улици во Кичево, улицата „Гоце Делчев“, изминативе две децении претрпе големи измени и беше подложена на интензивна станбена изградба, со што драстично го промени својот лик. Единствено преостана да се преуреди коловозот и тротоарите и, на тој начин оваа улица да добие целосно нов урбан лик.

Токму затоа со средства од буџетот на општина Кичево за годинава, денес започна целосната реконструкција на оваа улица.

-Со средства од општината во износ од 100 000 евра, во наредните триесетина дена целосно ќе биде реконструирана улицата „Гоце Делчев“, една од најстарите во градот. Со овој зафат, на коловозот ќе биде поставен нов слој на асфалт, ќе се постават нови рабници, тротоарите ќе добијат нови бекатон плочки а ќе биде променето и електричното осветление и ќе се засадат и нови дрвца. Со целокупниот зафат улицата ќе добие неспоредливо поубав лик и ќе придонесе за целосно разубавување на овој дел од градот. Изведувач на работите е локална градежна компанија. Широчината на коловозот од околу 9 метри, ќе овозможи од двете страни на улицата да има места и за паркирање на возила-рече Бурим Кадриу, задолжен за финансирање и буџет во општина Кичево.

З.А.