Денеска во Битола престојуваа вицепремиерката, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Деан Каевски. Тие, придружувани од градоначалничката на Битола, Наташа Петровска и кандидатие за пратеници на СДСМ од Битола, направија обиколка на изведбените работи за изградба на затворениот пливачки базен во ОУ „Даме Груев“ и кугланата, која се гради во спортската сала „Боро Чурлевски“, како и реновирањето на Офицерскиот дом.

– Интенција како Влада ни е да инвестираме во локален и регионален развој, со што се придвижува локалната и регионалната економија. Овие објекти, нивното одржување, пласирање, создавање на историја за нивното минато, може да привлече и домашни и меѓународни туристи кои понатаму ќе ја придвижат економијата локално – рече вицепремиерката Мила Царовска, која притоа нагласи дека за реновирањето на домот се вложени 58 милиони денари (околу 950 илјади евра) обезбедени од Светска банка, во соработка со ЛРЦП и поддршка на Владата, а Општината Битола обезбеди 2 милиони денари (околу 33 илјади евра) дополнително за изградба на канализациона мрежа.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во придружба на градоначалничката Петровска, изврши увид во изградбата на два спортски објекти во овој град. Станува збор за нов затворен пливачки базен кој е лоциран во дворот на основното училиште „Даме Груев“ и нова куглана која е сместена во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

– Задоволен сум од динамиката на изградбата на базенот, како и на кугланата во Битола која исто така е инвестиција на Агенцијата за млади и спорт – истакна директорот Каевски.

Двата спортски објекти се градат со високи стандарди, а кугланата дополнително ќе биде лиценцирана и за меѓународни натпревари, беше посочено за време на денешниот увид во изградбата на објектите во Битола.

– Општина Битола сериозно ги помести условите за спортистите и рекреативците во градот. Пливачкиот базен ќе го користат учениците, но и рекреативците. Нашата поддршка ќе продолжи и кон спортските клубови за кои досега сме исплатиле 1,3 милиони евра, а ако кон тоа се додаде и вложувањата во објектите, тогаш се доаѓа до сума од близу четири милиони евра за спортот во Битола со што оваа локална самоуправа покажа дека сериозно ја поддржува оваа област – рече меѓу другото градоначалничката Петровска.

М.М.