Крушево бележи зголемена туристичка понуда, поголема транспарентност и повеќе инфраструктурни зафати за нешто повеќе од една година, констатираат во крушевската локална самоуправа, а пренесува МИА.

Според градоначалникот Томе Христоски, 2018 година Крушево ја заврши со зголемување од дури 67 отсто на бројот на туристите во споредба со претходната година, а според индексот на транспарентност, Крушево е со највисок пораст.

– Покрај забележаните високи 67 отсто повеќе туристи во текот на 2018 во споредба со 2017 година, се продолжува и престојот на посетителите на Крушево – од 3,9 дена во 2017 на 4,5 во 2018 година во просек. За ова главно се заслужни активната промоција, богатата културна програма и проектите што се реализираат во областа на туризмот. Според индексот на транспарентноста, публикација на Центарот за граѓански комуникации „Цивика мобилитас“, Крушево е општина со највисок пораст во транспарентноста во конкуренцијата на сите државни и локални институции и е најтранспарентна општина во Македонија – вели Христоски.

За крушевските градски власти клучно за создавање и одржување на меѓусебната доверба и комуникација е отвореноста кон граѓаните.

– Без разлика дали информациите се на наша штета како локална власт, мора да бидат објавени и да бидат преземени мерки, но тоа е наша обврска и по секоја цена информациите мора да стигнат до граѓаните, потенцира Христоски.

Како што објаснува Христоски, како претседател на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“, овој традиционален настан стана манифестација од национален интерес во културата за 2018 година.

– Ја модернизиравме и дополнително ја збогатуваме програмата за оваа манифестација, паралелно со зачувувањето на вистинските вредности. Тоа резултираше со пораст од околу 30 отсто на бројот на туристите во тие десет дена кога се одржува манифестацијата, во споредба со 2017 година. Се стремиме да бидеме активни и за новото издание на научно-културните средби годинава – смета Христоски.

Христоски истакна дека се скратени непотребните трошења, меѓу кои и дневниците, што се користат при службените патувања надвор од општината. Со тоа се заштедиле пари на граѓаните и се пренамениле за суштинските потреби на градот и на населените места.