БИТОЛА

Со новите законски измени, посебната паралелка во „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола прераснува во Центар за поддршка на учењето на децата со попреченост на територијата на Општина Битола, со што ќе се обезбеди инклузија на сите ученици коишто имаат одредени тешкотии. Тие ќе можат да ги користат услугите на Центарот и да добијат поддршка за учење, личен развој и индивидуална надградба. Ова беше истакнато деновиве, на средбата на градоначалничката Наташа Петровска со дел од директорите на битолските училишта, како и претставници на центрите за поддршка на учењето на деца со попреченост од Охрид и од Прилеп, кои присуствуваа на промоцијата на трансформираниот центар во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“.

Досега имаше одредена инклузивност на децата со попреченост, но не онака како што треба. Ме радува што се оформи овој центар, бидејќи тоа е вистинскиот начин како децата што се наоѓаат во другите образовни институции ќе добијат поддршка од вас, за навистина да се почувствуваат како дел од средината во којашто се наоѓаат. Честитки за тимот којшто ја направи оваа трансформација, особено за наставниците, кои носат товар плус во својата работа. Локалната самоуправа ја дава поддршката како линк од формата во којашто дејствувате и образовните институции, каде што треба да се реализира овој процес – рече таа.

Во центарот има опремено седум кабинети – логопедски кабинет, кабинет за
психомоторна реедукација, сензорна соба, кабинет за асистивна технологија, кабинет за музичко и арт-терапија, монтесори-кабинет и кабинет за ученици со аутистичен спектар во однесувањето.

Заложбата резултира со изработка на посебна програма, оформување кабинети, проучување на новиот процес во согласност со Законот за основно образование и тоа доведе до промена на статутот на нашето училиште, за да му се даде можност за образование на секое дете и максимални можности за учење и личен развој – рече директорот Роберт Филиповски.

Во работата на Центарот се вклучени 12 дефектолози, специјализирани едукатори и рехабилитатори, преку примена на современи методи и техники за едукација и рехабилитација, кои ќе работат со учениците со попреченост, за да се постигне максимален потенцијал за нивно активно учество во општеството.