Охрид е меѓу првите градови каде веќе се одржува прославата „Македонија во ЕУ и НАТО“ организирана од Владата во 15 градови низ земјата по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство во Северноатлантската алијанса.

Меѓу присутните граѓани беше и министерот за здравство Венко Филипче, пратениците од Охрид во Собранието од редовите на владејачката СДСМ, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, како и советниците од СДСМ во Градскиот совет.

– Ова е историски момент за Ребпулика Македонија. Интеграцијата во евроатлантските структури значи поголема безбедност, сигурност, економски и социјален напредок. Со ова ние влегуваме во земјите кои се економски стабилни и напредни, со ова овозможуваме забрзан тек на сите реформи, инвестициите значајно да се зголемат и сите ефекти граѓаните многу побрзо да ги почувствуваат. Ова се моменти кои многу генерации досега ги чекале, ние имаме среќа да учествуваме во нивната реализација, конечно Македонија да го заземе местото каде навистина и припаѓа, рече министерот Филипче во кусата изјава за МИА.

За забавата на собирот во Охрид се задолжени Лозано со оркестар предводен од кларинетистот Исмаил Лумановски.

Забавата организрана низ целата држава во Охрид почна нешто порано поради стартот на манифестацијата „Бела ноќ“ со која треба да се означи стартот на главната летна туристичка сезона на Охридската ривиера.