Ниските откупни цени, неорганизираноста кај земјоделците, нелојалната конкуренција која го има монополот на пазарот на откуп, непостоење договорно производство, недостиг на едукација и инвестирање во нови технологии, мало учество на преработувачите во откуп на производите, немање анализи за пазарите, мал принос по единица површина, како и климатските промени се дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците што констатирала Националната федерација на фармери.

За надминување на овие проблеми од Федерацијата посочуваат дека е потребно да се прави пресметка на производствените цени, да функционира информативен систем преку кој ќе се следат цените на продажба на мало и големо за да може да се следи движењето на цени, да собираат навремени податоци за очекувани приноси, да се работи на стратегија за извоз на производи на други пазари, да се почитуваат одредбите за договорно производство и склучување на договорите на почеток на годината, како и да се јакнат земјоделските задруги.

-Исто така, потребно е да се воведат правилници за тоа одредени производи, самите земјоделци да можат да ги преработуваат и продаваат од своите домови, а со тоа да му додадат дополнителна вредност на својот производ, истакна на денешната средба со медиумите претседателката на НФФ Васка Мојсовска.

Според неа, голем проблем е и колебливоста на климата, поради што, посочи, е потребна едукација на земјоделците и стручниот кадар за мерки за приспособување на земјоделството на климатските промени, инсталирање и набавка на метеоролошки станици во земјоделските рурални средини, анализа за алтернативни производи кои ќе се вклопат во новите климатски услови, навремено чистење на одводните канали…

Мојсовска потенцира, иако ИПАРД програмата нуди многу средства за поддршка, Македонија и натаму има мала искористеност, во голем дел, како што рече, и поради нелегализираните фарми. Затоа НФФ бара продолжување на рокот за легализација на фармите и објавување на ДУП-овите со цел да може да се направи легализацијата.

Проблем на земјоделците е што речиси и повисоката производствена цена на производите отколку откупната, како што е случај со јагнешкото месо, но и кравјото млеко. Откупната цена за млекото, рече Стеваче Јордановски од НФФ, е од 15 до 19 денари за литар, а производствената е повисока, пред се поради зголемите цени на сточната храна, горивото…

Од Федерацијата имаат забелешка и на новите решенија на законот за зелените пазари, со кои, како што велат, се оневозможува стечајци, пензионери, социјалци да продаваат на тезги, со што, овие граѓани се туркаат кон поголема сиромаштија. Овие одредби, сметаат од Федерацијата, се спротивни на европските парвила, и се крши универзалната декларација за човекови права на ОН.