ОХРИД

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, неодамна беше на увид на дел од градежните активности и инвестициите што Општина Охрид ги реализира за да обезбеди подобри услови за учениците, информираат од Општината.

Во основното училиште „Христо Узунов“ во моментот се изведуваат завршните активности за комплетна реконструкција на подовите. Поставена е нова бетонска подлога во сите училници, а деновиве се изведуваат активности за поставување современ ПВЦ-материјал, со вкупна површина од 1.358 квадратни метри. Претходно во ова училиште беше извршена промена на дограмата во целиот објект, беа реконструирани тоалетите и беше поставен нов покрив. Во текот на наредниот период ќе се работи на проекти за поставување нова фасада, промена на подовите во ходничните простории, промена на вратите од училниците, реконструкција на внатрешните ѕидови, таваните и на спортските терени – велат оттаму.

Градоначалникот го посети и подрачниот училиштен објект на ООУ „Свети Климент Охридски“ во населбата Далјан, каде што беше извршена промена на дограмата и беа реконструирани подовите во сите училишни простории. Во овој објект наскоро ќе започне поставување нов систем за греење и ќе се врши поставување нова енергетски ефикасна фасада. Исто така, во текот на наредниот период се планирани поставување ограда околу училишниот објект и реконструкција на тоалетите и внатрешните ѕидови.
Во ООУ „Григор Прличев“ градоначалникот направи увид на новите реконструирани подови во ходничните простории и реконструираната дограма на приземјето и првиот кат од новиот училишен објект. Претходно беа реконструирани подовите во неколку училници и беше извршена реконструкција на дел од тоалетите.

Исто така, во текот на изминатиот период, Општина Охрид инвестира во промена на дограма, покриви, реконструкција на подови, санитарни јазли и реконструкција на внатрешни ѕидови во другите основни и средни училишта на подрачјето на општината.
Наставата започнува денеска за сите ученици во државата со физичко присуство. Во МОН сметаат дека наставата со физичко присуство е најдобрата опција за задоволување на интересите на учениците, влијае врз квалитетот на стекнатите знаења, социјализацијата и психофизичкиот развој, а наедно тоа е и препорака на УНИЦЕФ како организација што работи на заштита и унапредување на детските права. Исклучоците од оваа одлука може да се однесуваат за децата со ретки болести или попречености, децата што доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.