ГЕВГЕЛИЈА

Вчера беше првиот работен училиштен ден од второто полугодие. Гевгелиските училишта продолжуваат со реализацијата на наставата онлајн или со физичко присуство, во согласност со одлуката на Владата и со изработените протоколи за заштита од ковид-19.
Наставата со физичко присуство ја следат учениците од прво до трето одделение, како и учениците од прво до петто одделение во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци и сите осум подрачни училишта. Учениците во СОУ „Јосиф Јосифовски“ ја следат наставата онлајн, освен учениците од струките што ја изведуваат практичната настава со физичко присуство. Во училиштето „Васо Карајанов“ индивидуалната настава се изведува со физичко присуство, додека групната настава онлајн.
Речиси сите ученици во гевгелиските училишта располагаат со компјутери за онлајн следење на наставата, а наскоро ќе бидат обезбедени нови компјутери и за сите наставници, како што информираат од Општината. Оттаму оценуваат дека наставата во првото полугодие се одвивала непречено и без посериозни проблеми.

– Во текот на првото полугодие од учебната 2020/2021 година, во Општина Гевгелија, во сите пет основни и едно средно училиште, со вкупно 2.704 ученици, реализацијата се одвиваше непречено, според утврдениот начин на Министерството за образование и наука, со исклучок на одредени помали технички проблеми, кои се решаваа тековно. Во основните училишта, од 2.007 ученици, наставата со физичко присуство ја следеа 757 ученици од прво до трето одделение, како и учениците од прво до петто одделение во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци и во сите осум подрачни училишта. Преостанатите 1.250 ученици наставата ја следеа онлајн, како и 22 ученици во одделeнска настава – информираат од Општината.