На 14-тите средби организирани од страна на Младинската Асоцијација на средни училишта од Македонија што се одржа во Кичево, на која домаќин беше ОСУ „ Мирко Милески“, учествуваа ученици од 46 средни училишта од земјава, а на средбите беа присутни околу 1.500 средношколци и 500 професори ментори.

Најголем интерес од сите дисциплини кај присутните предизвика модната ревија подготвена од страна на професорите ментори и учениците од 21 училиште во земјава.

– Ова беше исклучително атрактивна и богата со модели модна ревија, која беше подготвена од страна на учениците и нивните ментори од 21 училиште во земјава. Ревијата изобилуваше со многу авангардни модели несвојствени за нашето поднебје, а покрај стандардните материјали беа користени и рециклирани материјали и други сировини, од кои беа изработени уникатни модели. Големата посета и интересот што го побуди модната ревија кај младите присутни на овој настан е најдобра потврда дека нивната инвентивност и желба за убаво облекување секогаш е во преден план – вели Зоран Стојаноски, потпретседател на МАССУМ и домаќин на средбите во Кичево.

Учениците присутни на оваа ревија презадоволни го напуштија самиот настан и посакаа што почесто да има вакви случувања и во помалите средини.

-И со оваа модна ревија младите од земјава потврдија дека имаат смисла за да одберат модели кои ќе го пробудат вниманието на посетителите и на граѓаните. Ова е уште една потврда дека инвентивноста на младите генерации е голема, а тие во соработка со професорите ментории, можат да бидат многу креативни и да создаваат модели кои би биле интересни и за секојдневна употреба, како и за конфекционерите – вели Катерина Спироска, ученичка во училиштето домаќин и член на Маркетинг екипата од Кичево.