Крива Паланка

Советот на Општина Крива Паланка на последната седница ја усвои стратегијата за развој на туризмот за периодот 2020-2025. Изобилството природни и културни убавини е најголемиот потенцијал на Крива Паланка за развој на туризмот. Од локалната самоуправа на Крива Паланка сметаат дека атрактивните планински предели на Осоговските Планини и зачуваната архитектура на повеќето рурални подрачја нудат огромни можности за инвестициски развој во туризмот, за постигнување значајни економски ефекти.
– Крива Паланка се наоѓа во процес на создавање база за развој на туризмот, како модерна гранка, која се наметнува како одржлива форма, ако се земе предвид потенцијалот со кој располага ова подрачје. Стратегијата за развоj на туризмот во општината Крива Паланка има цел да го мапира идниот туристички развој на регионот преку дефинирање на визијата, односно долгорочната цел, која дава слика како сакаме да го видиме регионот по 2020 година. Исто така треба да се напомене дека сите силни и слаби страни се идентификувани преку директни консултации со сите вклучени засегнати страни во реализацијата на оваа стратегија – велат од Општина Крива Паланка.

Надлежните оттаму сметаат дека кривопаланечкиот регион треба да биде пример за одржлива туристичка дестинација, обезбедувајќи рамнотежа помеѓу социоекономските вредности на локалните заедници и самата животна средина.
– Ова значи културното и природното наследство да не се уништува и да се чува за идните генерации, а со тоа да биде во функција на развојот на туризмот, занаетчиството, малите бизниси, привлекувањето инвеститори, намалувањето на сиромаштијата и создавањето нови можности за вработување во овој регион. Иако досега се сметаше дека Крива Паланка и осоговскиот регион имаат улога на транзитна средина, сега, имајќи предвид дека овој регион е богат со културно-историско наследство, како и одлични планински ресурси, оваа гранка треба да овозможи локален економски развој. Визијата, всушност, претставува патоказ за сите идни стратегиски решенија и оперативни интервенции -појаснуваат надлежните.

Според нив, визијата за општината Крива Паланка е таа да стане препознатлив и лесно достапен туристички регион, со развиени автентични туристички производи, со подобри стандарди за работење и подобар квалитет на услуги, кои ќе ги почитуваат принципите на одржлив развој, а со тоа ќе прерасне во важен туристички бренд.
Стратегијата е изработена од друштвото за консалтинг „Таргет комуникации“, со поддршка на Општина Крива Паланка, а финансиските средства се обезбедени од Министерството за економија.