БИТОЛА

Конечно жителите на селото Гермијан можат да бидат мирни и спокојни. Деновиве завршија градежните активности за уредување на коритото, во должина од 340 метри на реката, за заштита од поројните дождови во населеното место Гермијан.
– Конкретно, во Гермијан завршија активностите за заштита на коритото на реката што ќе го штити селото од поројните дождови, кои во минатото нанесувале големи штети по имотот на овие жители. Со реализацијата на овој проект се реши и проблемот со поплавувањето на земјоделското земјиште, како и станбените и фармерските објекти во овој дел од регионот, кое често се случуваше во изминатите години како последица на поројните дождови и слабиот систем за заштита од поплави. Инвестицијата е во износ од 148.883 евра, во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 проценти, поточно со 22.224 евра – изјави министерот за локалната самоуправа Горан Милевски, кој притоа нагласи дека овој проект е уште еден доказ дека прекуграничната соработка со соседна Грција одлично се интензивира и практично општините, цивилниот сектор и другите институции се целосно подготвени да влезат и во третата фаза, и во ИПА 3, која ќе се имплементира за периодот 2021-2027 година, a за која се предвидени неформално околу 40 милиони евра.

Според Милевски, во селото Гермијан останува да се изгради уште канализациската мрежа, со што ова село ќе стане модерно европско село, каде што жителите ќе живеат по сите европски стандарди, и вака треба да се однесува секој градоначалник за секое рурално место, за сите граѓани во државата да имаат еднакви услови за живот.
Уредувањето на коритото се реализира во рамките на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор (Ј-ЦРОСС)“, кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на програмата за прекугранична соработка Интеррег – ИПА ЦБЦ помеѓу Северна Македонија и Грција 2014-2020, финансиски поддржана од ЕУ и од Министерството за локална самоуправа.
– Со ова го заокружуваме проектот „Порој“ во селото Гермијан, со што го обезбедуваме месното население да не дојде до поплави за време на поројни дождови како што беше пред пет-десет години. Инаку, во ова населено место во последните три години се инвестирани некаде над милион евра средства од македонската влада, од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален рамномерен развој, а се надеваме дека во наредните години ќе продолжиме со инвестиции не само во ова село туку и во другите села во општината Новаци – вели градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

Покрај оваа активност во рамките на овој проект, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион реализира уште безброј други активности за издигнување на свеста на населението со овие природни непогоди.
– Покрај тоа, направивме и заеднички прекугранични вежби со партнерите од Грција, а исто така во завршна фаза е и набавката на цистерна за Јавното комунално претпријатие на „Водовод“, која ќе се користи за пиење пивка вода во подрачјата што се погодени од природни непогоди – додаде Гого Видимче, директор на Пелагонискиот плански регион.