Вечерва од 20.30 часот на просторот околу Градскиот Саат во Прилеп ќе се одржи Унгарска вечер, на која ќе настапат оркестарот Фокош и ГФ „Селенце“. Вечерта ЦК „Марко Цепенков“ ја реализира во соработка со Здружението на
Унгарци Телехаз и Амбасадата на Унгарија во РМ.

Фолклорната група „Селенце“ основана е 1994 година како дел од Културното Друштво Шандор Петефи од Бечеј, Србија. „Селенце“ спаѓа во елитното друштво на фолклорните групи и редовно учествува на најзначајните смотри и натпревари во Војводина, каде што редовно се вклучени во гала претставите.

Покрај голем број на други награди, досега шестпати е прогласена за „извонреден национален ансамбл“, а во 2017 градот Бечеј ги одликувал со највисоко општинско одликување.

Оркестарот „Фокош“ потекнува од Бечеј. Формиран е во 2009 година, како оркестар Чикош, а во 2010 година го добива сегашното име. Исклучително ја свири унгарската народна музика од Војводина. Четирикатни победници се на државниот натпревар за средношколски оркестри, а во 2012 година постигнале голем успех и станале полуфиналисти во талент шоуто на најголемата сателитска ТВ станица во Унгарија Дуна ТВ. За заслугите за општината, одликувани се со наградата на градот Бечеј.

Издале сопствена плоча (ЦД) во едно од елитните тонски студија во Будимпешта. Насловот на ЦД-то е „Kiskoromtól nagykoromig“ односно „Од детските денови до возрасна доба“.

Досега зад нив се голем број на настапи во странство, од кои најважни се настапите во Виена (Австрија), Штутгарт, Лудвигштејн и Руст (Германија) и во Тампере
(Финска). Ка.М.