Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска денеска во Битола оствари средба со претседателот на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП) Бојан Кордалов. На средбата Кордалов посочи дека е потребна поголема поддршка за локалните самоуправи за граѓаните да добијат повидливи услуги во насока на олеснување на секојдевното живеење.

На средбата Институтот предложи да се потпише Меморандум за соработка со Општина Битола, со кој се става во функција натамошната взаемна соработка на повеќе полиња.

Градоначалничката Петровска на средбата посочи дека секоја соработка е добредојдена, особено онаа која ја вклучува транспарентноста, отчетноста, но и дигитализацијата, како современа алатка за олеснување на процесите. Таа нагласи дека е надмината лошата состојба со која се соочи таа при нејзиното доаѓање на чело на локалната самоуправа на Битола, така што сега нештата се поместени во подобра насока, општината е стабилна и може да се работи во сферата на подобрување на одредени услуги.

На средбата се разговараше за начинот на рекламирање, транспарентност и проблемот со медиумите на глобален план, како и натамошни чекори на дигитализација на локалните самоуправи во однос на поедноставување на процесите кон граѓаните.

Инаку, Институтот работи на полето на подигнување на јавната свест во делот на доброто управување и евроатлантската интеграција, како и на промоција на начелата на транспарентност, одговорност, отчетност, ефикасност и владеење на правото, двонасочната комуникација со медиумите и граѓаните, како и подобрување на јавните сервиси со цел зајакнување на довербата од граѓаните и нивно вклучување во процесите на одлучување. М.М.