Една од најстарите и најурбани улици во Кичево, која може да се види и на првите разгледници од овој град, улицата „Гоце Делчев“, доби целосно нов лик и се претвори во посакуван простор за вечерни прошетки и дневен престој. За целосно да се промени изгледот на оваа улица општината издвои средства од годинешниот буџет, со цел да се заокружи овој капитален проект.

-Улицата „Гоце Делчев“ една од најстарите во Кичево, деновиве доби сосема нов лик. Средствата за комплетната реконструкција на оваа улица ги обезбедивме од општинската каса од буџетот за 2018 година. На оваа, една од првите урбани улици во градот присутна на сите разгледници, поставена е нова атмосферска и фекална канализација, променета е и водоводната мрежа, поставени се и нови тротоари со бекатон плочки и рабници, по целата должина засадени се нови стебла бел јавор, инсталирано е ново јавно осветление, а коловозот доби  целосно нов асфалт. И денес ако прошетате по оваа улица пријатно ќе бидете пријатно изненадени од нејзиниот сосема нов изглед. Со темелна реконструкција продолжуваме и на другите сообраќајници во градот, со што Кичево ќе го претвориме во пријатно место за живот на нашите сограѓани- истакна градоначалникот Фатмир Дехари, и ја најави целосната реконструкција на кејот на Сушица, по што Кичево и целосно ќе почне да наликува на современа урбана градска населба по европски терк.

З.А.