Тутунарите од Прилепско и денеска со трактори и со возила, заради заштита од ковид-19, протестираа од центарот на градот се до откупниот пункт на Тутунски комбинат.
Бараат повисоки откупни цени и реални проценки, бидејќи велат тутунот им се откупува по ниска цена. Бараат итна средба со министерот за земјоделство, во спротивно во среда ќе го блокираат патот за Скопје од 12.15 до 13.15 часот.
Игор Мирчески од ИО за протестите, вели нема да попуштат во нивните барања.
Од Тутунскиот комбинат -Прилеп на прес-конференција информираа дека кај нив проценката на тутунот била реална, иако тутунот бил со послаб квалитет.
– Денеска до 11 часот откупивме 6 тона тутун со просечна цена од 193 денари. Во изминатите две недели, од стартот на откупот, имаме преземено 80 тони со просечна цена од 171 денар. На ниво на земјата просечната цена е 165 денари.
Сегашните временски услови се поволни за подготовка на тутунот и во наредниот период сметаме дека просечната откупна цена ќе расте. Одредени тутунари манипулираат со лажни цени што е полииканство – рече на прес-конференцијата Кире Станкоски, директорот на ТК Прилеп, потенцирајќи дека досега немало приговори до Второстепената комисија.

Ка.М.