Во дебарскиот регион полека се искоренува туберкулозата. На ваков заклучок наведуваат податоците од Антитуберкулозниот диспанзер во Дебар, кој ја покрива и општина Центар Жупа.

– Повеќе години наназад, годишно имаме по три до четири случаи на заболени од туберкулоза. Лани имавме четири случаи кои се соодветно третирани и веќе се излекувани. Во изминатите три месеци од годинава немаме ниту еден случај – изјави за МИА Драган Клопчевски, раководител на диспанзерот, по повод Меѓународниот ден за борба против туберкулозата.

Она што посебно треба да се нагласи, вели Клопчевски, е што во последните десеттина години нема случај на туберкулоза кај деца.

– Состојбата со туберкулозата ја следам веќе 15 години, од кога сум раководител на АТД при Општата болница во Дебар. Освен што бројот на заболени возрасни лица од оваа болест е сведен на минимум, она што посебно радува е фактот што во последните десеттина години не е регистриран случај на пациент од детска возраст, заболен од туберкулоза – посочува Клопевски.

Врз ваквата состојба, според него, влијае повисокото ниво на хигиена, поквалтетната исхрана, но и многуте предавања што се одржуваат за граѓаните во соработка со дебарската организација на Црвениот крст и Институтот за белодробни заболувања од Скопје.