Во рамките на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, а спроведуван од фондацијата ИФЕС и НМСМ, во Битола се одржа тркалезната маса на тема „Родово еднакви, спортски здрави“.

На тркалезната маса учество земаа Татјана Блажевска од АМС, Борче Корлевски од Советот на Општина Битола, Наташа Тодоровска, спортска работничка, а дискусијата ја модерираше проф. д-р Моника Марковска.

Идејата позади овој настан, кој е прва активност од иновативната иницијатива на мобилизаторот Мартин Николовски од Битола, е да се мобилизира заедницата и да се придвижи дискусијата околу потребата од поголема родова еднаквост во спортот како значајно поле од општествениот живот. Поголемото учество на жените спортистки и на жените претставнички во редовите на спортските федерации е потреба која се актуализира особено по најновите трендови кои доаѓаат од годинешните ЛОИ, каде на ова прашање беше посветено големо внимание.

– Жената во спортот била отсекогаш присутна, меѓутоа она што недостасува е конкретна поддршка и промоција на еднаквоста во рамките на спортот и зголемување на суштинското учество на жените во спортот. Спортот е спорт, без разлика дали го практикува маж или жена, а за да бидеме целосно спортски здрави, неопходно е да сме и родово еднакви – изјави Николовски, мобилизаторот на заедницата и организатор на дискусијата.

На тркалезната маса на која имаше претставници од централната и локалната власт, како и практичари кои доаѓаат од спортските организации, беше заклучено дека е дојдено вистинско време за поголем ангажман на сите засегнати страни, со цел овозможување на еднакви шанси за успех во спортот и на мажите и на жените.

М.М.