Ќе се избира најубав двор во две категории - индивидуално и колективно домување

Делчево

И оваа година најубавиот двор ќе се избира во две категории – индивидуално домување и колективно домување или правни лица. Пријавувањето на јавниот конкурс заврши на 30 јуни, а по завршувањето на изборниот процес, комисијата составена од стручни лица ќе ги посети дворовите и ќе избере најубаво уреден двор во Делчево.
– Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и општината да ги награди граѓаните и фирмите за улогата во разубавувањето на градот, а од друга страна и да се мотивираат граѓаните на Делчево да дадат свој придонес за разубавување на градот и за што повеќе зелени површини и хортикултурни креации – велат од Општина Делчево.

За сопствениците за најдобро уредени дворови општината има обезбедено парични награди во износ од 10.000 денари и за двете категории – за индивидуално домување и колективно домување или правни лица.
Изборот на најубаво уреден двор во Делчево се реализира трета година по ред, а се спроведува во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и во согласност со Програмата за промоција и комуникација со јавноста и под мотото дека секој индивидуалец или институција и фирма, со својот труд и креација, кој придонесува за уредување на дворните површини дава придонес за поубаво Делчево.