До 15 јули општините преку Центрите за развој на регионите можат да поднесуваат проекти за полесен пристап до земјоделското земјиште и за таа намена се обезбедени 30 милиони денари, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој денеска беше во посета на Струмица.

Тој во атарот на селото Добрејци одржа прес-конференција за јавниот повик за финансирање на инвестиции за реконструкција и пробивање на пристапни патишта до земјоделско земјиште.

– Мене ме радува интересот што беше искажан од страна на градоначалниците, на месното население, на самите фармери и земјоделски стопанства преку Центрите за развој на планските региони што направивме се да го олесниме пристапот на земјоделците до земјоделските површини. Нашите анализи покажуваат дека станува збор за исклучително голема потреба доколку зборуваме за модерно, развиено и конкурентно земјоделство, а преку Програмата за рурален развој дополнително се предвидени проекти кои се однесуваа на руралниот развој и поддршка на општините. Тоа се мерки за кои ќе се распише оглас во следните некоку дена, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Додаде дека со обезбедените 30 милиони денари за оваа мерка ќе се даде значаен импулс и фокус токму на проблемите со кои се соочуваат земјоделците-пристапот до нивите и пристапот до земјоделските обработливи површина.

– Затоа ги повикуваме Центрите за развој на планските региони да ги поднесат своите барања и своите предлог проекти и овие средства за капитални трансфери до Центрите за развој на планските региони, а наменети за пристап до земјоделското земјиште, да бидат искористени, додаде, министерот Николовски.

Во одговор за новинарско прашање за интересот на оваа мерка и колкава ќе биде должината на пристапните патишта на кои ќе се работи, министерот Николовски одговори дека годинава ќе се разгледаат сите предложени проекти од страна на Центрите за развој на планските региони.

– Ова е тековна задача на планските региони да ги мапираат овие потреби на граѓаните и верувам дека ќе ги добиеме сите потребни информации за да можеме и во следниот приод да обезбедиме дополнителни средства. Станува збро за мерка која наиде на подршка и од премиерот, кој добро го познава регионот и сметам дека со овие први средства, кои ќе бидат искористени, ќе овозможиме и дополнителни средства, но и ќе овозможиме оваа мерка да ја трансферираме и преку мерката за рурален развој- истакна Николовски.

Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски додаде дека општината има голема потреба од пробивање на пристапни патишта до земјоделските површини и токму оваа мерка е иницијатива на општина Струмица.

– Нашите служби претходно излегоа на терен и во соработка со локалното население беше нотирано кои се тие поважни, би рекол, артерии низ полето и кои сите ги користат. Внимаваме во сите населени места да има такви интервенции и нашите проекти тежат околу четири милиони денари и ќе ги распоредиме во селата Муртино, Просениково, Добрејци, Баница, Сачево,Дабиле, односно сите населени места ќе бидат опфатени согласно нивните потреби и нивните барања- рече градоначалникот на Струмица.

Жителите на село Добрејци сметаат дека таквите проекети заслужуваат поддршка и тоа е прв пат да се ангажираат државата и општината.

– Не можам јас моето производство да го носам низ кал и непроодни патишта и да се поставува прашање како да го изнесам од нивите- рече Роберт Стојков, жител на село Добрејци, кој додаде дека со пробиени патишта до нивите може да се очекува производството да биде поефтино и побрзо да стасува до пазарите.