Од седницата на Советот на општина Битола Фото: Васка. М. Младеновска

Откако деновиве им истече договорот со општината, неколку автопревозни претпријатија одбија да ги превезуваат учениците, а како ќе се реализира превозот до крајот на учебната година, во моментот не знае ни општинската администрација, која по скандалот со „Транспортер“ внимава на секој потег

Над 500 ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“, средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ и од основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола деновиве останаа без организиран автобуски превоз до училиштата, како последица на судскиот процес за случајот „Транспортер“, кој веќе неколку години не само што ги тресе битолската и македонската јавност, туку во голема мера и ја празни општинската каса. Станува збор за случајот во кој поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште неколку лица се обвинети за злоупотреба на над 360.000 евра наменети за превоз на учениците.

Откако деновиве им истече договорот со општината, неколку автопревозни претпријатија одбија да ги превезуваат учениците, а како ќе се реализира превозот до крајот на учебната година, во моментот не знае ни општинската администрација, која по скандалот со „Транспортер“ внимава на секој потег, кога станува збор за превозот.
Ситуацијата ја зовре политичката клима во Битола, а беше главна тема и на последната седница на советот на општината. Советниците од опозицијата жестоко ги нападнаа актуелната општинска администрација и градоначалничката Наташа Петровска дека дозволиле учениците да останат без организиран автобуски превоз што, според нив, претставува кривично дело.

– Денес сме сведоци на незаконско постапување, бидејќи градоначалничката Наташа Петровска ги остави без превоз повеќе од 500 ученици, превоз што им е гарантиран со закон и остава простор за кривична одговорност, според законите за средно и за основно образование – обвинија од опозициската ВМРО- ДПМНЕ.
Според нив, сѐ што досега манифестирала актуелната локална власт се тотално незнаење, нестручност, неспособност и незаконско работење.
– Тоа е комплетно колабирање на воспитно-образованиот процес. Цели 12 години бевте во опозиција, моравте да имате стратегија за да не дојде до уништување на образованието – нагласи советничката од ВМРО-ДПМНЕ Анита Ангелевска, која како поранешна директорка на средното училиште „Таки Даскалот“ е една од обвинетите во случајот „Транспортер“.

Градоначалничката Петровска на седницата на советот категорично отфрлајќи ги критиките упатени на нејзина адреса одговори дека воспитно-образованиот процес во Битола не е колабиран.
– Колабиран воспитно-образовен процес?! Тоа го кажува некој што бил дел од политиките според кои заклучно со 31 декември 2017 година, училиштата должат над 4,4 милиони евра. За краток период 80 илјади евра од тие трошоци, или да кажам оставина се покриени – истакна на седницата на советот градоначалничката Петровска.
Инаку од 18 постојни училишта, најголемиот број веќе шест-седум години се со блокирани сметки поради долгови.
– Збирно долгот на битолското образование е 4,4 милиони евра. Тоа е тешка, но наследена состојба од претходната локална самоуправа. Само за бесплатниот превоз вкупниот долг на основните училишта е 1.177,505 евра, а на средните 568.748 евра. Вкупниот долг на сите училишта кон разни доверители е 1.750,000 евра. Долгот на училиштата кон општината врз основа на платени цесии е 2.600.000 евра. Инаку, само за струја училиштата во Битола сите заедно должат над 49.000 евра, а за комунални услуги над 472.000 евра – истакна советничката на СДСМ, Емилија Костурски.

Бидејќи општината Битола не може да ги плати долговите без во тоа да помогнат Министерството за образование или Владата, покрај овие 500 ученици, кои веќе се без превоз, во скоро време, во истата ситуација би можеле да се најдат и другите ученици. Најсериозна е состојбата со превозот на учениците од руралните средини, за кои уште отсега, при крајот на учебната година, автопревозниците се заканија дека немаат намера да ги возат бидејќи не им се исплатува да возат поради само еден или двајца ученици до некои битолски села.