Еден месец ќе бидат поставени тезги што се дел од традиционалниот пазар на зелки во Бардовци, кој започна да функционира неодамна. Општина Карпош на земјоделците од населбите Бардовци и Злокуќани и оваа година ќе им даде бесплатно привремено користење тезги и ќе го организира есенскиот пазар за продажба на зелки.
– Ова населено место во општината Карпош е надалеку прочуено по производство и пласман на овој вид зеленчукова култура и токму во овој период, кога зелката е стасана како готов производ, локалната самоуправа им излегува во пресрет на земјоделците и на еден хигиенски поорганизиран начин го уредува просторот на кој се наоѓа пазарот за зелки – информираат во општината.
Привремениот пазар е поставен на улицата Скупи. Општината сето ова го прави без паричен надоместок, за да се поттикнат локалната микротрговија и земјоделското производство.