На плоштадот во Ресен, денес се одржува традиционалната манифестација „Сквер арт“. 20-тина ученици од ликовната секција при Домот на културата „Драги Тозија“, на отворен простор имаат можност да ги претстават своите ликовни креации, цртајќи на хартија, но и да ја покажат ликовната умешност, цртајќи на подните плочки на плоштадот „Цар Самуил“.

Директорот на Јавната установа Дом на култура „Драги Тозија“, Васко Василевски, истакна дека оваа манифестација е многу важна за нив како организатори, затоа што ја побудува креативноста кај младите, истовремено мотивирајќи ги да креираат и заеднички да се дружат.

– Членовите на нашата ликовна секција преку овој настан се мотивирани јавно да ја покажат својата умешност на дело и да остават белег во однос на ликовната уметност во Преспа. Наша задача е да ги мотивираме, а воедно и да им даваме постојана можност да се усовршуваат. Кој знае, можеби еден ден некој од денешните учесници ќе биде голем ликовен уметник – рече Василевски.

Покрај учениците и случајните минувачи имаа можност да нацртаат нешто и да земат учество во манифестацијата. Организатори на овој настан се Домот на култура „Драги Тозија“ и Општина Ресен. Ликовната работилница „Сквер арт“ е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за проекти од национален интерес од областа на културата за 2019 година.