Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на средбата со градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари

Амбасадорот на Франција во земјава Кристијан Тимоние, се сретна со градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, од кого доби целосна информација за состојбите во општината и проектите чија реализација е во тек, во неговата денешна посета на Општина Кичево.

Покрај Општина Кичево Тимоние го посети и Основното Училиште „Реџо Рушит –Зајази“ во село Зајас, единствено во општината, каде што во редовната настава е застапен и францускиот јазик.

-Ова е моја прва посета на Кичево и прилика да го посетам и градоначалникот, по неговата покана што ми ја врачи при нашата последна средба, која ја имавме на тема децентрализирана соработка. По таа средба беше одлучено Француската агенција за развој да интервенира во Северна Македонија. Моментно работиме на финиширање на правните аспекти што ќе ни овозможат да работиме потесно со општините. За нас е многу важно да дознаеме кои се потребите на општините. Господинот градоначалник спомна проекти кои би ги поттикнале младите да останат во Македонија, а тоа подразбира услуги наменети за граѓаните, кои што децентрализираната соработка ќе ги овозможи – истакна францускиот амбасадор.

Дехари по завршувањето на средбата со Тимоние, во името на општината му врачи специјална благодарница, а по средбата, првиот човек на кичевската администрација, му се заблагодари на гостинот од пријателска Франција, за посетата и напорите што ги вложува неговата земја за влез на Македонија во ЕУ. Градоначалникот додаде дека амбасадорот му посочил оти неговата земја е подготвена да помогне со разни фондови кои одат преку Европската Унија, и можноста тие да се спроведат преку Република Франција.

Амбасадорот Тимоние посетата ја заврши во училиштето во село Зајас, каде што оствари средба со директорот и со професорката која предава француски јазик.