По поплавите што се случија во рудниците за јаглен во РЕК „Битола“, за да се надомести дел од електричната енергија од домашни извори, во погон е ставена и ТЕЦ „Осломеј“. За оваа потреба се обезбедени повеќе од 20.000 тони јаглен, кој ќе биде доволен за да работи електроцентралата во следните седум дена, ако се има предвид дневната потрошувачка од над 3.000 тони јаглен.

– Овие резерви на јаглен ги обезбедивме од сопствениот површински коп од местата каде што целосно не беше искористен јагленот во неговата претходна експлоатација. Електроцентралата ќе работи со капацитет од околу 80 мегавати. Се надеваме дека на овој начин барем малку ќе го помогнеме електроенергетскиот систем со струја од домашно производство – информираа од ТЕЦ „Осломеј“.

Пролетва електроцентралата беше во погон повеќе од месец и половина со јаглен обезбеден од сопствениот јагленокоп. За непречено работење на електроцентралата од ЈПВ „Студенчица“ се обезбедени 170 литри вода во секунда, што е далеку од количествата што се испорачуваат кога електроцентралата не е во погон.