Фото: Илустрација

Тетовци од утрово се жалат на невообичаен мирис и вкус на водата од чешмите. Состојбата се повторува во истиот месец од лани кога за прв пат беше пуштена водата од новиот градски водовод. Од Центарот за јавно здавје Тетово смируваат дека последните анализи покажале исправност на водата за пиење.

-Од сабајле водата од чешма е чудна како пред лани, сменет е вкусот, без или во комбинација со мирис, за некого на јод, а за некого на варикина, велат жителите на градот.

Од Центарот за јавно здравје Тетово смируваат дека последните анализи направени покажале исправност на водата за пиење. Се додека не се појават индикации за физичко хемиска или бактериолошка неисправност, истата не може да се забрани за консумирање.

-Голема е веројатноста да се повторува состојбата од минатата година кога мирисот и вкусот беа поинакви. Утврдивме дека е поради паднати лисја во површинските води од планинските реки и реката Пена од каде се земаат дополнителните количини вода кои во градската мрежа стигнуваат преку новиот водоснабдителен систем, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

На 23 октомври 2017 тетовци за прв пат го почуствуваа изменетиот мирис и вкус на водата од градскиот водовод. Центарот за јавно здавје Тетово првично препорача користење на флаширана вода. Но, извршените анализи не покажаа отстапување од пропишаните параметри, со што беше заклучено дека водата сепак е исправана за пиење.