Фото: Зоран Антоски

Благодарение на РЕК „Осломеј“, кон средината на 80-тите години во СРЦ „Крушино“, покрај другите терени, беше изградено и првото игралиште за одбојка на песок, во тоа време едно од првоизградените воопшто во земјава.

Но под забот на времето и нередовното одржување на игралиштето, на него почна да расте трева, а бидејќи тревата никој не ја косеше, по неколку години тереност целосно обрасна и денес ако прошетате во СРЦ „Крушино“ воопшто не можете да забележите дека тука пред неполни четири децении постоеше преубав терен за одбојка на песок, на кој не се одигра ниту еден натпревар во спортот, кој денес доживува планетарен бум.

– Иако нашиот град беше меѓу првите во земјава каде што беше изграден терен за одбојка на песок, сепак неговата запоставеност и нередовно одржување придонесоа теренот целосно да зарасне во трева и чиниш како повеќе и да не постои. Наместо и овој терен, како и останатите на овој потег, да биде претворен во вистинско собиралиште за љубителите на одбојка на песок и ние како град да можеме да организираме и некој турнир во овој спорт, ќе мораме да заборавиме дека во нашиот град некогаш постоеше вакво игралиште, во спортот кој последните неколку години е вистински тренд во целиот развиен свет – истакнаа жители на Кичево.

Инаку со целокупниот простор веќе девет години стопанисува Министерството за одбрана и оттаму сѐ уште не произлезе иницијатива овој преубав простор да го врати стариот сјај кога тука гостуваа сите најпознати клубови од Балканот во повеќе спортови, како и наши селекции.

З.А.