КИЧЕВО

Откога е формирано спортско-риболовното друштво „Хантер фиш“ од Кичево, над 130 спортски риболовци од земјава станале негови членови, што е од исклучителна важност за неговото натамошно функционирање и подобрување на условите за спортски риболов на Осломејско Езеро, чија целосна грижа е ова езеро.
Висината на членарината е 300 денари. Голем број членови, покрај основната членарина, плаќаат и многу повеќе, со единствена цел да се соберат што повеќе средства за порибување на езерото и рекултивирање на крајезерската околина.
– Од почетокот на издавањето на членските книшки на СРД „Хантер фиш“, во август 2020 година, досега се издадени над 130 легитимации, по цена од 300 денари. Голем број членови, покрај основната цена на членарината од 300 денари, плаќаат и многу повеќе, за да помогнат за функционирањето на друштвото, бидејќи тие се единствените приходи што ги има ова риболовно друштво.

Затоа членарината се смета и за хумана, за развој на спортскиот риболов во градот и унапредување на оваа гранка во регионот – рече Мире Ночески, член на претседателството на „Хантер фиш“.
Тој потсети дека голем број членови на риболовното друштво не се локални риболовци, туку се спортски риболовци од Скопје, Струга, Тетово, а има и членови од Косово, кои се трудат да дадат што поголем придонес во анимација на друштвото, како и на овој езерски бисер.

Ночески додаде дека интересот за издавање легитимации за рекреативен риболов во целата земја е задоволителен, а ги издава Риболовната федерација на Македонија, и се очекува бројот на членови, како што се ближи летото, да се зголемува.
– Покрај зголемениот интерес за членство во нашето риболовно друштво, над 30 наши риболовци добија и легитимации за спортски риболов на сите водни површини во земјава. Средствата од овие легитимации одат на сметка на Македонската риболовна федерација, а годишната членарина изнесува 400 денари – заврши Ночески.
Веќе во април на Осломејско Езеро ќе се одржи првиот риболовен крапски натпревар, кога екипите по 72 часа ќе ловат на трска за да се добие победникот.