Самото име на градската река во Кичево, Сушица, асоцира на суво корито, со малку вода, а во поголем дел од годината и со целосно пресушено корито. Но во последните два месеца, по интензивните врнежи од дожд и снег во регионот, градската река континуирано е со полно корито и така ќе остане сѐ додека има поволна хидролошка состојба во земјава.

– Не треба да чуди изгледот на полноводната Сушица, која традиционално нема вода. Но во последните два месеци ѝ годат обилните врнежи од дожд и снег во земјава, затоа и нашата река е пребогата со вода. Сушица ќе биде полна сѐ додека не почне подолгиот сушен период, кон мај, кога ќе го поврати изгледот што е во согласност со нејзиното име, а пред почетокот на летото целосно ќе пресуши и така до октомври, кога повторно ќе добие вода, поради дождот и малото испарување – велат Петар Тренески и Живко Стојаноски, пензионери што живеат во близината на реката, која најмногу ја паметат по сувото корито, но и по времето кога во неа се ловеле и риби.