Воспитувачки, негувателки и стручен тим од сите објекти на градинки во Општина Карпош успешно ја завршија Превентивната програма за работа со деца во градинки, за надминување на последиците од разводот на родителите.
Преку здружението на психотерапија и едукација „Амигдала“ – Скопје, успешно беше реализирана обуката, која ја спроведоа проф. д-р Драгана Батиќ, психолог, Анета Апчева, педагог и вработена во Центарот за социјална работа – Скопје, како и Маргарита Николовска, психолог, психотерапевт.
На листите на стресни животни настани, разводот се наоѓа при врвот, при што особено ранлива група претставуваат децата. Оттука, Општина Карпош се одлучи финансиски да ја поддржи реализацијата на овој проект со 170.000 денари.
Во градинката „Пролет“ во Козле, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со професорката Батиќ им ги додели сертификатите на вработените од предучилишните установи што ја поминаа обуката.

Богоев истакна дека Општината примарно е надлежна за одржување на инфраструктурата на градинките на својата територија. Но Карпош исто така соработува и вложува во правилниот развој на децата.
– Добро е што целиот воспитен кадар од градинките помина низ процес на обука за правилна работа со деца на разведени родители. Разводот е еден од најголемите стрес-фактори, особено кај децата, и апсолутно дека мора да работиме на нивна поддршка и на колку што е можно помалку последици од оваа состојба – рече Богоев.
Проф. д-р Драгана Батиќ ја истакна важноста за грижата за менталното здравје и притоа додаде дека во градинките и во основните училишта треба повеќе да се зборува за оваа проблематика.
– Учејќи ги младите од рани години на механизми за справување со стресни ситуации, неуспеси и слично, ќе придонесеме за креирање поздрава средина и поодговорни и зрели граѓани – рече таа.