Првиот стручен собир на библиотекари од факултетските библиотеки ќе се одржи утре во Националната универзитетска библиотека во Битола со почеток во 11 часот.
Темата на собирот е „Организација и услуги на факултетските библиотеки на Универзитетот „Св. Климент Охридски Битола“ – развој на библиотечната дејност“.
Стручниот собир ќе се одржи во просториите на библиотеката со почитување на процедурите за организирање на настани за време на пандемија со ковид-19
За учество на собирот се пријавија библиотекарите од факултетските библиотеки на УКЛО.
Предавачи на Собирот ќе бидат библиотекарите м-р Јелена Петровска и Лидија Мирчевска.
Организаторите велат дека Собирот на библиотекарите од факултетските библиотеки ќе укаже на стручноста на библиотекарите и потреба за користење на референтна литература на студенти и научни работници на Универзитетот, но пред се и на значењето на библиотечните сервиси на ниво на Универзитетот како и потполна препознатливост во средината.
На средбата ќе бидат опфатени теми од организациска поставеност на факултетските библиотеки во интегриран универзитет, работа со библиотечната граѓа и корисници, управување со информации, автоматизација на библиотечното работење и изготвување на насоки за развој на библиотечната дејност што е од особено значење за евалуација квалитетот и изведување на образовните програми на универзитетот.
Како посебен дел ќе бидат обработени и теми за стручно усовршување на библиотечниот кадар и можности за стекнување на стручни звања во струката.
Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола е придружна членка на Универзитетот во Битола (УКЛО).
Во рамките на УКЛО како дел од секој одделен факултет се наоѓаат и факултетски библиотеки со збирки на научна литература.

М.М.