Кичево

Претпазливоста од можна зараза од ковид-19 кај граѓаните на Кичево се чувствува на секој чекор. Фреквенцијата на улиците е исклучително мала, а може да се забележат единствено граѓани со кошници во рацете, кои штотуку пазареле во некој од маркетите. Интензитетот на сообраќајот е мал, така што животот во сите сегменти се одвива во забавен ритам. Вработените во многуте маркети ги преземаат сите мерки за добра снабденост и безбедност на купувачите на највисоко ниво.
– Сѐ што се препорачува од страна на Владата, како и од менаџментот на компанијата, во целост се спроведува. Во нашиот маркет се влегува со дезинфицирани раце, што ние го вршиме на влезот, а во продажниот простор, во еден момент може да се наоѓаат најмногу двајца купувачи, што исто така го регулираме на самиот влез. Како што може да забележите, снабденоста е добра, нема дефицитарни артикли. Така ќе биде и во наредниот период – вели раководителот на еден од најпрометните маркети во средиштето на Кичево.

Во други маркети, покрај тоа што периодично се пуштаат купувачи за да не се создава метеж, на влезот се мери и телесна температура, за да се зголеми сигурноста дека во маркетот пазарат исклучиво здрави луѓе.
– Од пред нецела седмица на влез во нашиот маркет, на сите потенцијални муштерии им ја мериме телесната температура, за да бидеме сигурни дека во маркетот влегуваат здрави луѓе. Оние граѓани кај кои телесната температура е покачена, ги замолуваме да не влегуваат и на тој начин да ги поштедат како вработените така и другите граѓани што се снабдуваат кај нас со неопходните намирници – додава вработен во друг голем маркет во градот.
Што се однесува до заштитните маски, ракавици и средства за дезинфекција, нив ги има во мал број аптеки или воопшто ги нема, а таму каде што ги има цената е нешто повисока. Вработените во повеќето аптеки немаат одговор на прашањето дали и кога ќе се снабдат со најбараните артикли, кои сега чинат како суво злато.
Пензионерите во целост ги почитуваат мерките и речиси воопшто не ги напуштаат или многу ретко ги напуштаат своите домови, а тоа и визуелно може да се забележи при прошетките низ градот.
– Од она што го слушаме и гледаме, граѓаните што се како нас во поодминати години се најранливата категорија, па и затоа без вистинска потреба не ги напуштаме домовите. Подобро еден месец да седиме дома, за да не ни се случи нешто непланирано – вели Томе Велкоски, пензионер од Кичево.

Инаку, според досегашната евиденција во градот и општината, сѐ уште нема регистрирано заразени со коронавирусот, иако во моментов има над сто жители што се во доброволна самоизолација, а претежно доаѓаат од западноевропските земји, како Италија, Германија , Австрија и други.
Од Општата болница ни потврдија дека наскоро ќе почнат со скрининг на здрави жители, за да проверат дали и меѓу оние што немаат симптоми има заболени од ковид-19. Инаку, мал е бројот на лицата што се движат во периодот од 21 до 5 часот наутро.