КИЧЕВО

Сопствениците на матичните стада овци од Кичевско, задоволни се од бројноста на јагнињата и нивниот развој. Релативно топлата зима им овозможи на газдите на стадата овци и во текот на зимата да ги пуштаат на отворено и да ги напасуваат, бидејќи речиси цела зима не беше замрзната подлогата. И токму овие погодности што ги овозможи оваа зима природата, придонесоа сточарите да заштедат на храна и да имаат солидна резерва за претстојниот период.
Во разговор со сточарите ги дознавме сите детали за состојбата со овците и јагнињата добиени оваа зима.
– Во оптимален период, од почетокот на јануари до средината на февруари, се објагнија сите овци, од кои барем половината на свет донесоа по две јагниња, додека една помала бројка здрави овци објагнија и по три јагниња што е добро за нас сточарите – вели Мефаил Ајрадини, сточар од Кичевско.
Тој во продолжение потсети како се третираат јагнињата до нивната продажба, храната што моментално ја користат и нивниот натамошен развој и понуда на пазарот.
– Јагнињата одлично напредуваат, нивната моментална тежина се движи од 12 до 15 килограми и до почетокот на продажбата кон крајот на месец март, ќе ја постигнат оптималната пазарна тежина од 20 до 23 килограми жива мера и со оваа тежина се најмногу барани на странските пазари, каде што традиционално се пласира македонското јагне, како Италија, Грција, Хрватска и други земји.

Што се однесува до храната, јагнињата ги храниме со зрнеста храна претежно јачмен, а овците што ги дојат јагнињата ги храниме со резанци за да имаат што повеќе млеко и побрз прираст на јагнињата. За продажба ќе биде наменето исклучиво машкото јагне, додека женските јагниња ги оставаме за проширување на матичното стадо овци – додаде Ајрадини.
Сопствениците на стадата овци се незадоволни од откупната цена, која, според нив, е ниска и не им овозможува речиси никаква заработка и ги дестимулира да продолжат со оваа дејност.
– Како и лани така и годинава, цената на живото јагне ќе биде доста ниска, бидејќи нам сточарите не ни се овозможува речиси никаква заработка. Цената на храната секоја година е сѐ повисока, како и другите трошоци, како лекови и други давачки, додека цената на нашето јагне е иста или реално пониска. Така, за претстојниот откуп таа ќе се движи од 100 до 130 денари килограм за живо јагне. За да имаме и ние одредена заработка, цената треба да биде барем 20 проценти повисока. Секоја цена под оваа, за нас е неисплатлива и продуцира редовна загуба – рече Ајрадин Бајрами, сточар од Кичевско.