Во општина Битола, почна забрзано решавање на предметите за легализација. На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, изминатите десет дена изработени се над 100 решенија, а работата продолжува до решавање на сите предмети, од кои за дел, граѓаните чекаат решение од 2011 година. Денеска, градоначалникот Коњановски лично врачи дел од решенијата, кои беа изработени во изминатите денови.

– Во изминатите десет дена со постојана работа од страна на задолжените служби за легализација на бесправно изградени објекти, побарав да се сублимира моменталната состојба со предметите за стекнување на правен статус на бесправно изграден објект. Од извршените анализи, констатирано е дека во 2011, 2013, 2014, 2016, 2018 и 2020 година, од страна на граѓаните поднесени се вкупно 17.543 барања за бесправно изградени објекти, градби на земјоделско земјиште и тераси. Од нив, до 2017 биле решени 10.205 предмети и 746 предмети во периодот од 2017 до 2021 година. Тоа значи дека за решавање остануваат уште 6.592 предмети. Покрај анализата на состојбата, во изминатите денови работевме и на донесување на решенија, во случаите, каде може да се постапи, согласно законската регулатива. Успеавме да потпишеме 100 решенија и се надевам дека со оваа динамика ќе продолжиме и во следниот период. Не смее да остане нерешен ни еден предмет, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој најави дека ваквиот начин на работа ќе продолжи и во следниот период, со цел решавање на сите преостанати предмети. М.М.