фото Зоран Антоски

Деновиве Кичево е вистинска крстосница на стадата овци, кои по зимскиот престој во Повардарието, се упатуваат кон бачилата и пасиштата на Бистра и Стогово, каде ќе останат во наредните пет месеци.

– Патот од Повардарието до бачилата на Бистра и Стогово трае обично од три до четири дена во зависност од временската ситуација, поточно дали нė следи дожд, невреме или, пак, е суво, без врнежи и грмотевици. Досега на пат се наоѓаме веќе трет ден и утре попладне планираме да стигнеме до бачилата. Попатно ни се случуваат многу работи, од повреди на овците до нивно губење од стадата, до напади од селски кучиња кои патем ги среќаваме. За време на ова патување спиеме многу кратко, бидејќи мораме да бидеме постојано будни, за да не се случи нешто на стадото и ако врне дожд, тогаш состојбата е уште полоша. Но што можеме да промениме кога е тоа нашата работа- рекоа Сафет и Иса, овчари на едно стадо.

Стадата овци задолжително ги следат и неколку коњи, на кои е натоварена храната за кучињата и овчарите и нешто облека и церади за ноќен одмор.

Стадата во бачилата ќе останат до втората половина на октомври, кога по истиот пат се враќаат на зимски престој во Повардарието, но тогаш со полни канти првокласно сирење и пити надалеку познат кашкавал.