Фото: Зоран Антоски

Традиционално во овој период од годината, стадата овци кои во изминатите 5 месеци престојуваа на бачилата во западниот дел од земјава на планините Бистра, Стогово и Шара, се вратија во потоплите краишта од земјава, но за разлика од мајското патешествие, сега тие се побогати за поголеми количества сирење и кашкавал , кои се добиени во текот на летото како резултат на пребогатите пасишта со сочна трева каде се напасуваа.

Долгиот пат им носи многу искушенија бидејќи времето е се постуддено, особено  ноќе, често се минува и по фреквентни патишта, каде големите стада овци се доведуваат во опасност поради неодговорните учесници во сообраќајот, како и долгиот пат кој целосно ги истоштува.

-Благодарение на топлото и суво време, престојот на планина беше нешто подолг. Но сето тоа помина и сега сме во фаза да го завршиме најтешкиот дел од работата, а тоа е преселбата на стадата овци од бачилата до зимските престојувалишта во Повардарието. Времето е задоволително, нема врнежи од дожд и снег и тоа ни помогна побргу да се движиме. Мал проблем ни претставуваат студените ноќи и движењето по патиштата, каде се доведуваме во опасност од пребрзото возење на поедини возила. Без разлика на затекнатите проблеми, сепак наскоро ќе пристигнеме на нашата крајна цел, каде ќе останеме до втората половина на мај- раскажаа Сафет и двајца помлади овчари, од едно стадо овци, кое се упати кон крајното одредиште во Неготинско.

Инаку тие велат дека годинава нема снег, а претходните години планините имале и снежна покривка.

Неизбежен декор на овој караван се и кучињата Шарпланинци кои будно ги следат овците и ги одвраќаат од намерата да се одвојат од стадото, како и добро натоварените коњи на кои се носи сè она што попатно им е потребно на овчарите од облека и храна, до храна за кучињата.

З.А.