Крајбрежјето на Осломејското езеро викендов беше целосно исчистено и покрај тоа што одзив на спортските риболовци, еколозите и месното население во акцијата за чистење не беше голем.

Акцијата започна во утринските часови и траеше во поголемиот дел од денот,беа собрани поголеми количества на пластична амбалажа,лименки,најлон кеси, хартија и секаков вид на отпад.

Беа исчистени јужната и источната страна на езерото и се очекува во наредната еко- акција да биде исчистено ѓубрето во останатиот крајезерски појас.

-Планираната еко-акција за чистење на крајбрежјето на Осломејското езеро ја реализиравме во целост и покрај слабиот одзив на спортските риболовци од градот, еколозите и месното население. Овој еко-зафат го спроведовме на јужната и најфреквентна страна на езерото, како и на источната страна, каде што собравме големи количества на пластични шишиња и кеси, лименки од пиво и сок, стакло, хартија, отпад од граѓаните што тука престојувале во изминатиов период или ловеле риба. Ова е само прва акција и наскоро планираме да организираме и нови еко-акции со кои целосно ќе ги исчистиме ѓубриштата на езерското опкружување, а ќе ги исчистиме и трските во делови каде што тоа е наповолно за спортски риболов – рече Љупчо Крстески, спортски риболовец и екологист од Кичево.

Крај езерото се поставени и двојазични табли на кои пишува дека езерото неодамна е порибено со крап и се замолуваат риболовците, доколку уловат некој од овие примероци риби да ги вратат во езерото. На двојазичните табли се апелира до граѓаните да не фрлаат неконтролирано секаков вид на отпад и да се грижат за езерското крајбрежје.

-За да ги предупредиме спортските риболовци и минувачите, крај самото езеро поставивме дваесетина табли на кои е посочено дека езерото неодамна е порибено со крап и се молат риболовците ако фатат некој од овие примероци риба, истата да ја вратат во водата. Исто така со написите на овие табли се апелира до сите оние кои ќе престојуваат крај ова езеро, да не фрлаат ѓубре во неговата околина и да го чуваат овој природен бисер, а ние и на овој начин ќе се обидеме да им ги промениме досегашните навики – апелира Александар Коруноски.

З.А.