Денеска 26 октомври се навршуваат точно 100 години од раѓањето на големиот уметник со кадифен глас Никоа Бадев. По тој повод во 17.30 часот на спомен бистата на Никола Бадев во Кавадарци неговите сограѓани ќе положат букети цвеќе, по што во Музејот на традицијата ќе биде отворена Спомен соба, а во 19 часот во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе се одржи голем концерт на кој ќе се пеат песните што зад себе ги остави овој голем уметник омилен и обожуван од своите сограѓани.

Иако од 1976 години физички Бадев не е меѓу нас, тој продолжува да живее преку песната и во сеќавањата на неговите современици и во срцата на сите љубители на македонската народна песна.

Роден е на 26 октомври 1918 година во селото Глишиќ кое денес е споено со Кавадарци, место каде што луѓето ги красат питомост, ведрина и надареноста за музика и песна. Во оваа прекрасна средина во плодната Тиквешија озарена во сонце и топлина, меѓу зелените бавчи, ниви со тутун, лозја, афион и прекрасни песнопојни родители, стрини, вујковци… многу свадби, ора и серенади песната ја богатеше неговата детска душа, созреваше и се формираше уметникот во него.

Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитира на програмата на Радио Скопје со што започнува неговата блескава кариера како уметник и стана еден од најдобрите интерпретатори на македонската народна песна која ја афирмираше не само во Македонија туку ширум светот. Ја обиколи земјата и светот неколку пати.

Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи во СФРЈ како и земјите во кои живеат македонски иселеници. Познавачите на македонскиот фолклор го сврстуваат во категоријата пеачи со исклучителен сензибилитет кој ги испеа најлирските македонски песни со својот кадифен глас. Меѓу нив е и химната на Кавадарци песната „Параходот ми пристигна“ како и голем брoј други песни за копнежот на вљубените, за сокаците и чардаците како и за народните херои.

Никола Бадев беше вистински народен пеач, не само за своите сограѓани кои неизмерно ко сакаат и се гордеат со неговото животно дело, тој беше национално име кој ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата, а македонските песни и да ги претвори во вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија.

Добрите познавачи на неговото личност во биографските записи ќе напишат дека Никола Бадев беше исклучителна личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришлви траги во македонското културно наследство. Испеаните песни од Бадев се молитва и гледало на неговата душа. За себе рече „Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“.Тој беше човекот што тивко пееше-далеку се слушаше.

На вечерашниот концер во Кавадарци неговите песни ќе ги пеат:„Трио Гранд“, „Трио Мањифико“, Петре Пењушков, Блажо Богев, Ванчо Тарабунов, групата „Лоза“, Радица Костадинова, Здружението на пензинери „Центар“- Скопје и КУД „Никола Бадев“.