На денешен ден во 1905 година на битолскиот Ат-пазар, погубен со бесење е големиот македонски војвода, Александар Турунџев. Историчарите запишале дека по неговиот извик „Македонија ќе биде слободна“ тој сам го ставил јажето на својот врат и се обесил за да не им го овозможи тоа задоволство на душманите.

Денес, по 115 години од трагичната смрт на Александар Турунџев, неговиот споменик во дворот на општината е заборавен не само од општинското раководство, туку и од чуварите. Со цел да му се оддолжи на неговата херојска смрт општината Битола пред неколку години едногласно ја усвои одлуката да му се подигне споменик на војводата Александар Турунџев, на местото Ат-пазар, во Битола, каде што во 1905 година беше обесен.

Денес жална е сликата на споменикот на битолскиот војвода Александар Турунџев.
Неговиот споменик, изработен во бронза, повеќе од 4 години е оставен во дворот на општината, меѓу паркираните патнички возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен.

Иако споменикот за Турунџев е подолго од три години готов, изработен и платен, сепак тој сѐ уште чека „амин“ од општинските служби, за тие да го постават на местото каде што требаше да биде подигнат, на Ат-пазар, каде што пред 115 години беше обесен.

Одлуката за изградба на споменикот за Александар Турунџев беше донесена во јули 2015 година. Тогаш општината Битола објави јавен повик за комплетно идејно решение за подигнување споменик на војводата Александар Турунџев. Со едногласна одлука на советниците беше решено споменикот да биде поставен во новиот кружен тек што требаше да се изгради на раскрсницата пред поранешната ветеринарна станица, во
непосредна близина на Ат-пазар, местото каде што Турунџев во 1905 година
бил обесен. Таквата одлука на градоначалникот Владимир Талески и советниците ја поздравија сите битолчани, кои постојано го воспеваат нивниот славен војвода Турунџев.

Споменикот е висок три метри, тежок 500 килограми и требаше да биде поставен на постамент од два метри. Изработен е од бронза. Автор на идејното решение на споменикот е Ѓорѓи Димовски, а изработката е извршена во леарница во Скопје, под надзор на менторката Валентина Стевановска. Но наместо поставувањето на споменикот на Турунџев да претставува празник за Битола, како што е вообичаено кај нас, тој остана во дворот на општината.

Со урбанистичкото решение требаше кај Ат-пазар да се направи кружен тек, а во средината да бидат поставени постаментот и споменикот на Турунџев. Но за да се изгради кружниот тек, требаше да биде исечен еден дел од паркот. И тука работите се искомплицираа, а беше и најавено дека проектот ќе биде подложен на ревизија. И оттогаш веќе никој во Битола ниту се сети да направи ревизија, ниту пак, според наши сознанија, размислува веќе за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев кај Ат-пазар.

Александар Турунџев, е роден во 1872 година во с. Горно Врбени, Леринско. Уште како млад се вклучил во редовите на ТМОРО, најпрво како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско. Станува популарен поради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Насекаде бил мил гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние што посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ поради големиот страв од Александар Турунџев.

По востанието во 1903 година, учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство. Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држен цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола.

Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па до Ат-
пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал, кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани. Збунетиот поп пред егзекуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар Турунџев се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.

Денес, 115 години подоцна, неговиот споменик останува во дворот на општината Битола, оставен и заборавен.